МЛАДИТЕ ОД СКОПЈЕ И ОВАА ГОДИНА ДЕЛ ОД ЖИРИТО НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМСКИ ДЕН

На 5. мај Република Северна Македонија и стотина млади од Скопје на возраст од 12-14 години ќе се вклучат во уникатниот паневропски настан на Европската филмска академија.

Настанот ќе се одржи во Кинотеката на Северна Македонија со почеток од 8:30 часот. Младите од нашата земја заедно со млади од 55 градови низ Европа ќе проследат исклучителни филмски остварувања наменети за млада публика и ќе бидат движечката сила на манифестацијата – меѓународното жири кое што ќе одлучува за најдобриот филм во оваа конкуренција. Наградата од млада публика (EFA Young Audience Award) е официјална категорија во рамки на Европските филмски награди огранизирани од страна на Европската Филмска Академија и ЕФА Продакшнс.

Целта на настанот е да овозможи размена на мислења на младите од Европа, да ја подигне свеста за важни општествени прашања како и да поттикне мултикултурна комуникација и толеранција. Уникатната природа на овој настан им овозможува на младите да го збогатат своето искуство и преку филмот да дознаат повеќе за европските приказни,  земји, националности, култури и општества и активно ја ангажира младата публика во улогата на одлучувачко жири.

Годинава номинирани се следниве филмови:
OLD BOYS во режија на Тоби Мекдоналд (Велика Британија/Шведска);
LOS BANDO во режија на Кристијан Ло (Норвешка / Шведска); и
FIGHT GIRL во режија на  Јохан Тимерс (Холандија/Белгија).

Гласовите од Скопје ќе бидат соопштени преку видео клип во кој ќе земат учество сите учесници со фокус на двајцата презентери од нашето жири, Сара Крстевска и Ивона Николовска од ОУ„Аврам Писевски“.

Во паузите помеѓу филмовите младите од Скопје ќе добијат можност преку директна врска (Chat Booth) да стапат во контакт со своите врсници од другите европски градови вклучени во настанот. По проследување на трите номинирани филмови, многу дискусии и забава, младите ќе имаат можност онлајн да ја проследат и официјалната церемонија за доделување на награда од млада публика која традиционално се одржува во Ерфурт, Германија каде ќе бидат соопштени резултатите од гласањето од сите земји и на крајот на денот ќе биде доделена Наградата од млада публика.

Настанот во Скопје е во организација на Европската филмска академија и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, со поддршка од Кинотека на Северна Македонија, и спонзорите Ладна и Витаминка. Агенцијата за филм е во преговори од наредната година настанот да се прошири и во други општини низ Република Северна Македонија како би се овозможило на младите од другите градови да земат учество во ова уникатно доживување.

Објавите за настанот можете активно да ги проследите на официјалната веб страница на EFA Young Audience Award https://yaa.europeanfilmawards.eu/, Фејсбук страната на EFA YAA (https://www.facebook.com/YoungAudienceAward/), како и Фејсбук страната на Агенцијата за филм (https://www.facebook.com/Macedonian-Film-Agency-837533706308102/).