Денес на 85-годишна возраст почина диригентот и композитор Александар Џамбазов, автор на голем број дела од класичната, забавната, но и филмската и сценската музика.
Александар Џамбазов е роден на 3 февруари 1936 година во село Стапар, Војводина. Музичка академија завршил во Белград, а целиот работен век го минал во Македонската радио-телевизија, како диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар, и е дел од четвртата генерација македонски повоени композитори.
Џамбазов е автор е на голем број детски песни. Беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“ во Скопје. Пишувал сценска музика и филмска музика: филмот МЕМЕНТО, за драмите „Мајка“, „Двајца на нишалка“, како и повеќе дела од класичната музика, меѓу кои и „Рапсодија за Скопје“ – за пијано и оркестар (1966), „Седум танцови варијации“ – за пијано и оркестар (1977) и др. Компонирал и хорски композиции, како и голем број популарни мелодии.

Има реализирано безброј снимки и концерти во живо. Настапувал во земјава и во странство. Добитник е на над педесетина награди.
Во чест на маестро Џамбазов Кинотеката во март ќе го прикаже филмот МЕМЕНТО (1967) на Димитрие Османли, црно-бел филм чија сторија започнува еден ден спроти земјотресот во Скопје, кога се запознаваат Вили Милер (Стево Жигон), германски диригент на пропатување низ Македонија, и Јана (Рената Фреинскорн), млада девојка, студентка. Нивната повторна средба е после неколку години кога Вили Милер диригира еден концерт на Средбата на солидарноста во Скопје. Тие неколку дена минати заедно се исполнети со своевидна реминисценција на Јана за доживеаната семејна трагедија, за нејзините лутања и барање начин повторно да се започне животот, запрен во денот на замјотресот…

Семејното милје на Александар Џамбазов е актерско: тој е сопруг на актерката Анче Џамбазова (ќерка на Петре Прличко) и татко на Иго Џамбазов. Ќерката на Александар, Татјана, која веќе 20 години живее во Сан Франциско, е „Technology Whisperer“ на Autodesk Inc, или човек кој крeира и учи висока нова технологија на разбирлив начин, а со UNICEF работи на заштита на светските културни наследства.
