Вечерва во Кинотеката на Македонија премиерно беше прикажан краткиот игран филм ОДЛУКА (Decision; 2018 г., 21 мин., колор, ДСП) на режисерот Агим Абдула. Сценариото е на Буњамин Куртиши и Лулзим Рашити, а улогите ги толкуваат Ајета Реџеповиќ, Насер Рафуна, Амернис Нокшиќи, Бурхан Амити, Исмет Рамадани и Ајше Усеини.
Сторијата на ОДЛУКА говори за еден млад човек, кој внимателно следи една стара дама, и тоа, всушност, изгледа како да се грижи за неа. Подоцна, тој се среќава со искусен крадец и го ангажира да провали во станот на старата дама. Успева да го убеди крадецот да ја стори кражбата, иако тој ја изразува својата неподготвеност. По извесно време крадецот успева да провали во станот, но за време на кражбата старата дама се онесветува. Крадецот е пред дилема дали да си отиде со пленот или да и помогне на старана жена…

Филмот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија, а во продукција на „Галактика пикчрс“ од Скопје. Продуценти се Буњамин Куртиши и Фидуш Ќамили. 
