ПРОЕКЦИЈА НА МЕМЕНТО КАКО ДЕЛ ОД СЕЗОНАТА НА ФИЛМСКИ КЛАСИЦИ И ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА 60-ГОДИШНИНАТА ОД КАТАСТРОФАЛНИОТ СКОПСКИ ЗЕМЈОТРЕС

Со проекција на дигитализираната верзија на филмот МЕМЕНТО на Димитрие Османли – Кинотеката ја одбележа 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26. Јули, 1963 година.

Оваа проекција на МЕМЕНТО беше и дел од проектот „Сезона на филмски класици“, кој пак, четврта година по ред, ја вбројува Кинотеката во друштвото на голем дел европски кинотеки кои имаат за цел да го промовираат и популаризираат филмското архивско богатство на Европа. Филмот МЕМЕНТО, во исто време имаше и „онлајн“ премиерна проекција – која се прикажа на официјалната интернет страна на Кинотеката – како и на социјалните мрежи: „Фејсбук“, „Инстаграм“ и „Јутјуб“.

– Темата на земјотресот не е директно застапена во македонските филмови, но индиректно е секако проникната. Сите филмови што реферираат кон современото Скопје, ги гледаме низ перспектива на земјотресот. Тука се „руските згради“, „Румунска болница“, новата железничка станица и објектите што се градени според плановите на Кензо Танге. Во последно време, од социолошка гледна точка, за мене е интересно е тоа што овие објекти – изградени после земјотресот – се малку идеализирани како дел од едно бескласно општество кое настанало после таа 1963-та година, со помош на солидарноста на светот. – изјави Владимир Ангелов, директорот на Кинотеката.

МЕМЕНТО на Димитрие Османли е снимен во 1967 година, и раскажува приказна за Јана – која низ разговори и реминисценција со германскиот диригент Вили Милер – се сеќава на нејзиното минато и семејната трагедија која ја доживеала во катастрофалниот земјотрес во Скопје. Пред проекцијата се обрати филмскиот критичар и режисер Јане Алтипармаков, кој го најави филмот МЕМЕНТО и се осврна кон естетската вредност и значење на овој македонски долгометражен филм.

– Филмот МЕМЕНТО би можел да се нарече македонски одговор на „Францускиот нов бран“. Мене лично, многу ме потсетува на ХИРОШИМА, ЉУБОВ МОЈА на Ален Рене. Поточно, ја има таа интимна лична нишка, односот помеѓу ликовите, реминисценциите, а се разбира и камерата на Бранко Михајловски, која изобилува со прекрасни кадри. Би можел да кажам дека треба почесто да го гледаме и преоткриваме, зашто претставува еден од нашите најсериозни филмски остварувања од тој период – изјави Јане Алтипармаков.

Проекцијата на МЕМЕНТО е во организација на Кинотеката и Министерството за култура, како и дел од проектот „Сезона на филмски класици“, организиран од страна на Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ).