Кинотеката и оваа година се придружува на иницијативата на европската филмска академија за претставување на европската кинематографија со силен акцент на филмови создавани во различни европски земји.
Четири недели, започнувајќи од 13 ноември па сѐ до 10 декември, МЕСЕЦОТ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ, ќе биде одбележан ширум киносалите низ Европа, кои ќе имаат за цел преку својата филмска програма да ја прослават фантастичната разновидност на европскиот филм. Во партнерство со „Еуропа синемас“ (Europa Cinemas), кината во 35 земји во повеќе држави низ Европа, без разлика дали станува збор за локални киносали или големи киномрежи, заедно, преку курирање на специјални програми, настани и ретроспективи ќе ја прослават богатата европска кинематогафија. Наместо единствен каталог, секое кино кое е дел од оваа иницијатива ќе создаде уникатна програма која се однесува на нивната стручност, но со особен акцент на вкусот на публиката.
Во таа насока Кинотеката, во рамките на своите месечни програми за ноември и декември ќе понуди уникатен фокус на европските филмови, овозможувајќи им на љубителите на филмот да погледнат неколку филмски циклуси од различни европски кинематографии, но и од различни временски периоди. Во ноември, ќе бидат прикажани повеќе извонредни филмски остварувања како што е романтичната комедија СИРЕНА ВО ПАРИЗ, одличната научната-фантастика ЧОВЕК ПО ТВОЈА МЕРКА, љубовната драма ПРИКАЗНАТА НА МОЈАТА ЖЕНА како и извонредниот филм ОСТРОВОТ НА БЕРГМАН кои се само мал дел од богатата современа европска кинематографија. Во рамките на оваа европска филмски иницијатива – МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ, во Кинотеката ќе бидат прикажани и домашните филмски остварувања – ПС БУСАН, СНЕЖАНА НА КРАЈОТ УМИРА, ВЕРА СОНУВА ЗА МОРЕТО, ШЕЌЕРНИ ЛУЃЕ, САМО ЃАВОЛОТ СЕ ПЛАШИ ОД ВОДА и ТАЛЕ И КОРОНА.
Кинотеката е особено радосна што може да најави дека во рамки на МЕСЕЦОТ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ, од 1 до 10 декември ќе го одржи филмскиот цикслус посветен на култниот чешки режисер Јиржи Менцел, во кој се сместени 10 негови филмски остварувања. Па така во овие десет декемвриски дена публиката ќе може да ги погледне филмовите: СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ, СТРИЖЕНО-КОСЕНО, СТРИЖЕНО-КОСЕНО, БИСЕРИ НА ДНОТО, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ, СЕЛО МОЕ МАЛО, КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА, ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА, САМОТИЈА ВО ШУМАТА и НЕПРЕДВИДЛИВО ЛЕТО.
МЕСЕЦОТ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ е поддржан од програмата Креативна Европа МЕДИА на Европската Унија во парнтерство со „Еуропа синемас“, „CICAE“- интернационалната конфедерација на артхаус-кина и стриминг-платформата „МУБИ“.
