Документарна емисија за семејството Ставриќ од Скопје и нивниот придонес за развојот на медицинската био-хемија во Македонија. Корените на лабораториската дејност во Македонија датираат од 1830 година, со отворање на Воената болница во Битола, а 30 години подоцна и во Скопје. Покрај Воената болница во Скопје, се гради и Градска Болница, со двајца лаборанти, која подоцна се сели на падините на Водно и почнува формирањето на Државна болница. Во 1925 г., се формира Хигенскиот завод, а по Втората светска војна, се обрнува повеќе внимание на развојот на медицината. Радмила и Никола Ставриќ, зборуваат за животот и професијата на својот татко, д-р Крсто Ставриќ. Тие се присеќаат на семејната аптека „Нада“. Д-р Крсто Ставриќ, бил многу познат и ценет аптекар. Покрај другото, изработувал и многу ефикасна маст за шуга, течност против неухранетост и болки. За развојот и напредокот на медицинската биохемија, голем придонес има наследничката на Крсто Ставриќ, Радмила Ставриќ-Хрисоко. Колку оваа медицинска гранка напреднува со текот на времето и за современите хематолошки анализатори зборуваат: Олга Џајковска-Левајковиќ, специјалист по медицинска биохемија при Генеколошко-акушерската клиника, д-р Дијана Плашевска-Каранфилска, виш научен соработник при ИЦ во МАНУ и др.