Ориентални влијанија на поствизантиските цркви во кумановско

Република Северна Македонија 2020 20,25 мин Колор Звук Етнолошки Аматерски филм Дигитална технологија

Документарен филм за пет цркви во кумановскиот регион, во кои освен христијански, има и ориентални и ерменски симболи. Станува збор за црквите: „Св. Ѓорѓи Победоносец“ во с. Нагоричане, „Св. Никола“ во с. Стрезовце, црквата посветена на Св. Дух во с. Добрача, манастирот „Карпино“ со црквата „Воведение на Богородица“ и „Св. Ѓорѓија“ во с. Жегљане. Црквата „Св.Ѓорѓи Победоносец“ во село Младо Нагоричане е трокорабна базилика од 16 век, градена во византиски стил. Стариот живопис во црквата е од 16 век, додека новиот од 1872 година. Конзервирана од Музеј на Куманово во 1999 и 2008 година. Во село Стрезовце се наоѓа црквата „Св.Никола“, трокорабна базилика изградена и живописана во 1606 година, на темели на стара црква. Конзервирана е во 1994 и 1999 година. Прогласена е за културно богатство на Македонија. Во село Добрача е сместена црквата посветена на Светиот Дух, наречена „Св.Троица“. Црквата е од почетокот на 17 век, видоизменета е во 1931 година. Крапинскиот манастир или „Воведение на Пресвета Богородица“ е манастирски комплекс од 14 век. Во близина на село Орах. Манастирската црква е изградена од камени блокови во форма на триконхос. Во црквата се забележуваат два слоја на живопис. Манастирот е познат по богатиот монашки живот во минатото, со над 300 монаси, како и по позната препишувачка школа и по ќелијното училиште. Во село Жегљане се наоѓа црквата „Св.Ѓорѓи“ од 16 век. Црквата е во правоаголна форма, градена од камени блокови со камена декорација, со иконостас од 1860 и со фрескоживопис од 1877 година. Како и во претходните цркви и тука се забележува влијанието на ориенталното и ерменското градење.

Музика: Марјан Јанкоски Наратор: Драган Ивановски

This site is registered on wpml.org as a development site. Switch to a production site key to remove this banner.